Ќелав, без препознатливите мустаќи, облечен во традиционална индиска облека наместо во палтата без ракави кои беа негов заштитен знак. Контроверзниот бизнисмен, Субрата Рој, повторно е во центарот на вниманието на индиските медиуми откако по повеќе од две години минати зад решетки, излезе од затворот Тихар.
Како што пренесува „Телма“, Врховниот суд на Индија привремено го ослободил за да присуствува на погребот на неговата мајка. Првичната четиринеделна условна слобода е продолжена до 11 јули, до кога Рој треба да обезбеди кауција во висина од околу 30 милиони американски долари.
Истите правила важат и за еден од директорите во неговата компанија „Сахара груп“, Ашок Рој Чудари, со кого заедно издржуваа затворска казна.
Според пишувањата на индиските медиуми, Субрата Рој нема да се врати во затвор со оглед на тоа шти сумата за кауција е значително намалена од првичените над 880 милиони долари и не претсатавува проблем за човек со неговата финансиска моќ.
Додека битката на Субрата Рој со индиското судство продолжува, дел од неговите фирми во земјава и натаму функционираат.
Според сознанијата до кои дојде Телма, на дел од вработените во компанијата „Сахара глобал“ им било соопштено дека Индиецот целосно се откажува од бизнис претензиите во Македонија и дека престануваат со работа.
Субрата Рој беше поврзуван со повеќе контроверзни проекти во Македонија. Тој сакаше да гради луксузен туристички комплекс со хотел на вода во Љубаништа, за што државата формираше туристички развојни зони и започна експропријација на земјиште на црквата и приватни имоти, на што жeстоко се спротиставија и Дебарско – кичевската епархија и жителите на Љубаништа. Неуспешен беше и силно најавуваниот влез на Рој во земјоделскиот бизнис во земјава во агрокомбинатот Џумајлија, каде требаше да донесе 20.000 крави од Холандија. Откако Рој заврши во затвор, државата го раскина договорот со неговата фирма.
OhridNews