Индискиот милијардер Субрата Рој, кој безмалку една година се наоѓа во затвор, се обидува да обезбеди 1,2 милијарди евра за да може да ја плати кауцијата и да излезе на слобода.

Сопственикот на „Сахара Груп“, кого индиските медиуми го означуваат како најексцентричниот тајкун во Индија, ги заложи угледниот „Гровенор Хотел“ во Лондон, кој се наоѓа кај кралската Бакингамска Палата, како и њујоршкиот хотел „Плаза“ наспроти Централ Парк, на еден американски конзорциум за две милијарди долари.

Станува збор за договор кој е направен во затворот во Њу Делхи, со чија помош бизнисменот ќе може да си ја откупи слободата, но и да ги расчисти долговите поради кои се најде во затвор и поради што индискиот суд одреди најголема досега кауција во правната историја на земјата.

Рој е познат во Индија по тоа што го почна својот бизнис со една банка, која на сиромашните фармери во одалечените реони на земјата, единствена им даваше кредити, барајќи од нив да плаќаат депозит од само една индиска рупија. Голем број луѓе се приклучија кон банката, па сега „Сахара Груп“ е најголемата приватна индиска компанија, која поседува телевизиски канали, весници, големи земјишни површини, па дури и цел еден нов град во државата Махараштра. Во него се изградени згради кои наликуваат на Белата куќа во Вашингтон и лондонската Бакингмска палата.

Во 2014 година, Рој беше уапсен од индиската полиција за непочитување на судот, затоа што не се појавуваше на судските рочишта, но и за непочитување на судската одлука за исплата на 200 милијарди индски рупии (2,1 милијарда американски долари) на своите инвестотори, продавајќи ги илегално на финансикиот пазар нивните обврзници.

Огромната кауција го натера Субрата Рој да продава од имотот за да собере пари за своето ослободување, но досегашните потези не беа доволни, па тој се согласи да ги даде и своите престижни хотели, што беа симоболи на неговата финансиска големина. Со собраните пари тој треба да ги врати долговите кои банките и да земе нов заем за да ги исплати старите долгови и судската кауција. Доколку тоа не го направи во рок од една година, трајно ќе ги загуби хотелите и заложениот имот, по што ќе дојде до поделба на „Сахара Груп“ на неколку помали делови.

OhridNews

Извор:„Утрински весник“