Индискиот бизнисмен Субрата Рој, основач на Сахара Груп, почина во Мумбаи, Индија, на 75 години по долго боледување. Тој бил примен во болница во неделата откако му се влошила здравствената состојба, јави „Хиндустан тајмс“.
Нашиот инспиративен лидер и визионер, почина на 14 ноември 2023 година во 22.30 часот поради кардиореспираторен застој по долга битка со компликации кои произлегуваат од метастатски малигнитет, хипертензија и дијабетес, соопшти Сахара Индија Паривар групацијата.
Роден на 10 јуни 1948 година во Арарија на Бихар, Субрата Рој основа огромна империја која опфаќаше различни сектори, вклучувајќи финансии, недвижнини, медиуми и угостителство.
Јавноста во Македонија го памти Субрата Рој како несуден инвеститор во футуристичката туристичка развојна зона во Љубаништа, охридско, од времето на поранешниот премиер Никола Груевски. Таму тој требаше да гради мега туристичка населба со хотел-казино и аеродром на вода. Исто така тој помпезно беше најавен и како инвеститор во агрокомбинатот „Џумајлија“. Двете инвестиции никогаш не се реализираа. Единтвено Сахара груп на Субрата Рој во Охрид го купи некогашниот хотел „Славија“ кој со години стоеше затворен се до преземање на објектот од друга индиска компанија која почна да го работи изминатото лето.
Проектот „Сахара Македонија“ на индискиот милијардер Субрата Рој на Охридското Езеро ќе отвори илјадници работни места, ќе ја продолжи туристичката сезона преку целата година, ќе има десетици илјади туристи, ќе има промет за дуќаните, за сите сервисни и други услуги, ќе придонесе за БДП, како и девизен прилив за локалното население“ уверуваше тогашната влада, а идејата имаше поддршка и од тогашната локална самоуправа.
Субрата Рој во неколку наврати во 2012 и 2013 година го посети Охрид, каде ги претстави амбициозните проекти во туризмот и земјоделството, за што беа најавени инвестиции вредни 2,7 милијарди евра. Една година подоцна поради проблеми со законот, Субрата Рој заврши во затвор во Индија, а неговата империја Сахара груп не ги реализира плановите поврзани со Охрид и Македонија.
Г. Момироски
Фото: Архива