Доколку од утре не се вратат на настава, против учениците Македонци ќе бидат преземни мерки согласно законот за образование, кој предвидува и губење на статус на редовен ученик, односно исклучување заради неоправдано отсуство од настава. Ова вечерва ќе им биде соопштено на родителите на учениците на состанокот на Советот на родители и раководството на С.У. „Ибрахим Темо“.
Раководството на С.У. „Ибрахим Темо“ најави санкции
Јас како директор на училиштето немам намера ниту сакам да ги санкционирам, туку ги замолувам да се вратат на настава, а за барањата за воведување етнички смени да се одлучува кога ќе се создадат усчови за тоа, изјави за Ohridnews, директорот на С.У. „Ибрахим темо“, Муса Мусаи.Тој ги предупреди учениците дека секое непосетување на наставата повеќе од дваесет дена автоматски значи губење на статусот редовен ученик. Од Министерството за образование ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат ваквата информација. Оттаму велат дека министерството ќе постапува согласно законот, но притоа нема објаснување какви санкции ќе бидат преземени против учениците Македонци кои веќе еден месец ја бојкотираат наставата. Тие најавија дека нема да доаѓаат на настава се додека не се воведат јазични смени. Според учениците Македонци само така можат да се надминат меѓуетничките тензии во струшкиот средношколски центар, кои на почетокот од март кулминираа со масовни тепачки.
Против етничките смени се изјасни локалната самоуправа, додека Министерството за образование нема јасен став по ова прашање. Против етнички сменни е и меѓународната заедница, а нејзиниот став деновиве на стружани лично им го соопшти евро амбасадорот Ерван Фуере.
За разлика од С.У. „Ибрахим Темо“, во С.У. „Нико Нестор“ учениците Македонци во саботата се вратија на настава, но само за да ги реафирмираат нивните барања за воведување јазични смени, по што вчера и денеска го продолжија бојкотот на наставата.
Г. Момироски