До крајот на годината треба да биде готова финалната верзија на Студијата за ревалоризација на Охридското Езеро, по што ќе следи јавна расправа. Ова е истакнато на работниот состанок што денеска се одржа во општината, на кој се разговараше за процесот за изработка на Студијата за ревалоризација на споменикот на природата Охридско Езеро и Планот за негово управување, што е дел од тековниот „СТАР5 проект“, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (ГЕФ), имлеменетиран преку Програмата за животна средина на Обединетите Нации (УНЕП) и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Студијата за ревалоризација треба да биде во корелација со одредбите во Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, особено во делот за управување со првата заштитна зона, која се формира во појас од 50 метри, сметано од границата на катастарска парцела Охридско Езеро и има три подзони. Според него, од исклучително значење е прецизирање на јасни одредби, кои имаат за цел да ги спречат заканите врз екосистемот на езерото и да дефинираат пропишани норми за понатамошно управување со крајбрежјето. – истакна во своето излагање градоначалникот Константин Георгиески.
Во изработката на студијата вклучени се и претставници од Меѓународната унија за зачувување на природата IUCN-ECARO. Даниел Богнер експерт за управување со заштитени подрачја во својата презентација појасни дека во студијата се посочени главните закани за езерото, дефинирани се строги зони на заштита, зони за активен менаџмент како и препораки за воспоставување на тело за управување со заштитеното подрачје на Охридското Езеро.
Оваа студија треба да биде базична основа за донесување на Законот за препрoгласување на Охридско Езеро како споменик на природата.
OhridNews