Експериментална вакцина против Ковид-19 КоронаВак, на кинеската компанија Синовак Биотех, предизвикува брз имунолошки одговор кај испитаниците, но нивото на произведени антитела е пониско отколку кај луѓето кои закрепнале од болеста, покажаа првичните резултати од студијата објавени денеска.
Иако испитувањата во рана и средна фаза (прва и втора) немаа за цел да ја проценат ефикасноста на КоронаВак, истражувачите велат дека вакцината може да обезбеди доволна заштита, а нивните заклучоци се засноваат на искуството со други вакцини и податоците од претклиничките студии на мајмуните макаки.
Резултатите од оваа студија се објавени по оптимистички вести од американските производители на лекови Фајзер и Модерна и руски научници кои работат на вакцина, а прелиминарните податоци од студијата во третата фаза покажаа дека нивните експериментални вакцини биле над 90 проценти ефективни.
КоронаВак и четири други експериментални вакцини кои се развиваат во Кина во моментов се во доцната, трета фаза на тестирање и се утврдува нивната ефикасност во спречување на Ковид-19.
Рецензираните резултати на компанијата Синовак, објавени во медицинското списание „Лансет заразни болести“, произлегоа од клиничките испитувања во првата и втората фаза, спроведени во Кина, во кои учествувале повеќе од 700 волонтери.
Нашите откритија сугерираат дека КоронаВак е во состојба да предизвика брз имунолошки одговор во рок од четири недели по вакцинирањето кое се врши во две фази во рок од 14 дена, изјави Жу Фенгчаи, еден од научниците кои работат на вакцината.
Експертите велат дека резултатите од поголемите подоцнежни студии или испитувања во третата фаза ќе бидат клучни за да се утврди дали имунолошкиот одговор на организмот по вакцинација со КоронаВак е доволен за да се заштитат луѓето од зараза со коронавирус. Синовак во моментов спроведува три испитувања во трета фаза во Индонезија, Бразил и Турција.
Резултатите треба да се разгледуваат со претпазливост сè додека не бидат објавени доцните резултати од третата фаза, предупредува Наор Бар-Зеев, професор на Универзитетот Џонс Хопкинс, кој не учествувал во студијата. Тој додава дека „дури и тогаш, по завршувањето на испитувањето во третата фаза и по издавањето на дозволата, треба да се биде внимателен“.
OhridNews