Иако владините социо-економски мерки против Ковид-19 го ублажија влијанието врз екстремната детска сиромаштија, повеќе деца живеат под просекот на животниот стандард. Нарушувањата во услугите за социјална заштита и образование и намалената побарувачка за здравствени услуги ги ставија децата во понатамошен ризик со продолжувањето на пандемијата, се главните заклучоци од Ажурираната студија на социјалните и економските ефекти од Ковид-19 врз децата.

Децата не се лицето на оваа пандемија, но тие се меѓу нејзините најголеми жртви. По повеќе од една година ограничувања во движењето, празни училници, нарушени услуги, загуби на семејна егзистенција, животот на децата длабоко се промени. Сите деца од сите возрасти се засегнати, но пандемијата и нејзините социо-економски последици ја влошија веќе постоечката ранливост и проблеми на најранливите. Без дополнителни вложувања во мерки за повторно воспоставување пристап до виталните услуги на заштита, образование и здравство, пандемијата може да остави доживотни последици врз децата, рече Патриција ди Џовани, претставникот на УНИЦЕФ на денешната презентација на студијата објавена од УНИЦЕФ, а спроведена од Finance Think и поддржана од УСАИД.

Таа нагласи дека училиштата се последни што треба да бидат затворени, но први што треба да бидат отворени. Сепак, во одговор на новинарско прашање, рече дека сега се ближи летниот распуст, а за повторно отворање на училиштата треба да се размислува во септември секако ако прво ги исполнат сите критериуми за хигиена и заштита.

Благица Петрески од Finance Think посочи дека иако Владата дизајнираше шест пакети мерки за справување со социјалните и економските последици од пандемијата, тие, како што рече, ретко беа насочени кон децата.

Ова се рефлектираше во буџетското планирање во 2021 година. Иако децата добија дополнителна заштита преку поддршката овозможена за зачувување на работните места и приходите на родителите, искуството со Ковид -19 ни покажува дека треба да размислиме за прилагодување на системот за да може да ги заштити најранливите деца при идни шокови, потенцира таа.

Според студијата, олабавувањето на критериумите за добивање гарантирана минимална помош и двете еднократни плаќања за финансиска поддршка придонесоа за намалување за една третина на екстремната сиромаштија, односно домаќинства што живеат со помалку од 1,9 долари на ден. Сепак, се вели, загрижувачки е што повеќе од една четвртина, односно 27 отсто од семејствата кои станале подобни за гарантирана минимална помош во текот на пандемијата, не ја искористиле. Проекциите од студијата покажуваат дека процентот на деца кои живеат во релативна сиромаштија, поточно во домаќинства чиј животен стандард е значително под националниот просек се зголеми од 27,8 проценти пред пандемијата на 32,4 отсто. Ова става дополнителни 19.000 деца под релативната линија на сиромаштија.

Во студијата се истакнува декаведнаш по избувнувањето на пандемијата за 14,7 проценти се зголеми бројот на пријавени случаи на насилство врз деца и оти ограничувањето на движењето, карантините, промената кон учење на далечина и намалената социјализација имаа негативно влијание врз менталната детска благосостојба.

Наодите во новото истражување повикуваат дека повторното отворање на училиштата мора да биде приоритет и за вложување напори за целосно нормализирање на социјалната заштита, вклучувајќи ги и услугите за превенција од насилство. Воедно повикуваат да се надминат ризиците поврзани со одложување на неопходните здравствени прегледи на децата, а психосоцијалната поддршка да остане расположлива, достапнa и пристапна.

OhridNews