Од Студентскиот пленум остануваат на своето барање за изготвување на нов Закон за високо образование и ќе ги окупираат факултетите се додека тоа не биде исполнето, пренесува Радио Слободна Европа. Од Студентскиот пленум заедно со претставници на Професорскиот пленум вчера имаа средба со раководството на УКИМ и претставници на Владата.

Ивана Туфегчиќ од Студентскиот пленумот вели дека вчерашната средба во просториите на Ректоратот не била од одлучувачки карактер. Според неа, тие ги изнеле своите аргументи и средбата завршила со договор повторно да се сретнат.

„Исходот ќе го знаеме од следната средба, сега засега остануваме на дело да бидеме кооперативни, да ги изнесуваме аргументите, а аргументи има многу. Од 14 измени на Законот за високо образование, самите и оние кои се предлагачи и они кои го носат свесни се дека тој закон веќе не може да се применува, затоа што правните служби на самите универзитети се збунети, не знаат, една со друга одредба е контрадикторна, освен тоа во Законот за високо образование има многу одредби коишто се од подзаконски карактер, а не од законски карактер. Токму тоа се и аргументите зошто ни е потребно интегрално нов текст.“

Според неа средбата била само да се одлучи формата на преговарање за евентуално создавање на нов закон, но пред тоа треба да победат нивните аргументи.

„Со тоа што се согласија да има анализа од 30 дена во која ќе видиме каде е проблематичен стариот закон, сметам дека има простор за кооперативност меѓу страните на преговори во моментов, поточно меѓу владата и нас, така што се надеваме дека на следната средба ќе имаме попозитивен исход, односно дека ќе заклучиме дека веднаш ни е потребен, нема потреба од анализи, нов закон за високо образование.“

Таа додава дека продолжуваат со нивните активности, односно окупација на факултетите.

OhridNews

Извор: Радио Слободна Европа