Студентот на Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) Охрид, Антонио Крстаноски ја доби годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на управување со ризици и осигурување која ја доделува Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Антонио победи со трудот насловен „Трендови во концентрацијата на пазарите на осигурување во Источна Европа“ што беше подготвен за Студентската конференција СЕРВЕКО 2023 организирана од страна на нашиот факултет. Годишната награда за млади истражувачи се доделува секоја година на Денот на осигурувањето (1 ноември) на свечен настан организиран од страна на АСО и претставува значаен стимул за студентите да се развиваат и истражуваат во областа на осигурувњето и менаџментот со ризици. Успехот на Антонио беше поздравен од страна на Премиерот на Македонија г-динот Димитар Ковачевски и Претседателот на Советот на експерти на АСО, г-динот Крсте Шајноски, велат од ФТУ.

На истиот настан,  додаваат учествуваше и професорот од ФТУ, Климе Попоски, како панелист на панел дискусијата насловена „Како растот на осигурувањето да го трансформираме во развој.“

Останати соговорници во панел дискусијата беа Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, Генералниот директор на Триглав Осигурување Живот,  Христина Џамбазовска Анастасов и Заменик министерот за финансии, г-динот Филип Николоски.

OhridNews