Студентите од Факултетот за туризам и угостителство Охрид Христијан Јорданоски, Стефан Аврамоски и Христијан Трајковски, под водство на селекторот доц.д-р Климент Наумов, на XX издание на меѓународниот гастрономски натпревар „Бисерот на морето“, кој се одржа на островот Брач во градот Супетар, во познатото одмаралиште Waterman Svpetrvs, освоија 1 златен, 5 сребрени и 1 бронзен медал во подготовка на главни јадења од пилешко месо, телешко филе, риба и тестенини.
Христијан Трајковски, освои златен медал во категоријата главни јадења од пилешко месо (ролован пилешки супрем со козјо сирење и полнеж од суви сливи во комбинација со пена од козјо сирење). Трајковски освои и бронзен медал за подготовка на главни јадења од риба. Стефан Аврамоски освои 2 сребрени медали за подготовка на главни јадења од телешко месо (телешко филе со фефер сос) и риба (орада со сос beurre blanc). Христијан Јорданоски се натпреваруваше во сениорска конкуренција во 3 дисциплини и тоа јадења од риба (ролована пастрмка со гамбори), јадење од пилешко (пилешки батак ролован со полнеж од пилешки црн дроб и крем сирење) и паста (црни равиоли во сос од гамбори) при што освои 3 сребрени медали, информираат од Факултетот.
Посочуваат дека Факултетот за првпат учествуваше на оваа престижна гастрономска манифестација со свои претставници, која е уникатна по себе од овој вид, а се организира веќе 20 години од страна на ШКМЕР, Асоцијацијата на шефови од медитеранската и европска регија.
Додаваат дека на манифестацијата учествувале повеќе од 400 учесници од Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Турција, Албанија, Романија, Словачка, Украина, Белорусија, Велика Британија, Индија и Малта кои се натпреварувале во различни категории во подготовка на главни јадења од месо, веганска храна, тестенини, слаткарство, чоколатерство, послужување храна и пијалаци, сомелиерство и барменство.
OhridNews