Студентите кои студираа на несудениот Институт за филм – Филмска академија во Охрид, студиите ќе ги продолжат на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Ова се наведува во одговорот на Министерството за образование и наука на пратеничкото прашање на пратеничката од Охрид од владејачката СДСМ Жаклина Лазаревска.
Министерството за образование и наука достави Информација за согледување на состојбите и предлагање мерки за надминување на истите во ЈУ Институт за филм – Филмска академија Охрид до Владата на РС Македонија, која е усвоена на седницата одржана на 2 март 2021 година. Со заклучоците МОН треба да постапи и донесе решение за префрлување на студентите од Филмската академија во Охрид на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Воедно МОН ќе ги обезбеди потребните финансиски средства за реализација на студиската програма на студентите за заокружување на започнатите студии на студентите кои веќе биле запишани и студираа на Филмската академија во Охрид, на Факултетот за драмски уметности во Скопје. – стои во одговорот на пратеничкото прашање.
Лазаревска од собраниската говорница побара дополнителни информации од Министерството за образование за, како што рече, низата неправилности детектирани од работната група на МОН и инспекциски служби во посочената високообразовна установа, како и информација какви состојби се затекнати на Институтот за филм во Охрид, кој, како што додаде, ниту по закон за високо образование, ниту по закон за научно истражувачка дејност можел да се формира.
Идејата за отворање на Филмската академија беше промовирана во 2014 година, а веќе следната година беше запишана првата генерација студенти. Институтот за филм тесно соработуваше со познатата чешка филмска школа ФАМУ и голем број визитинг проферсори, но таа соработка траеше кратко. По долгите превирања на оваа високообразовна установа и нерешавање на нејзиниот статус од страна на надлежните институции, во 2018 година реномираната чешка филмска школа ја прекина соработката со Филмската академија во Охрид. Поради проблемите Филмската академија во Охрид почнаа да ја напуштаат и професорите, откако повеќе од две години установата не добиваше никаков одговор од надлежните институции за нејзиниот статус и работа. Најголема штета сепак претрпеа студентите и постипломците кои не можеа да го завршат започнатото високо образование.
Упатени во проблематиката, пак, велат дека информацијата од Министерството за образование околу статусот на студентите од Филмската академија во Охрид, е прв конкретен одговор на бројните прашања поставувани изминатите речиси три години, како од вработените и студентите, така и од јавноста која сака да знае зошто Охрид остана без оваа високообразовна установа и кој е интересот таа да згасне.
Г.М.