Студентите од Академијата за филм во Охрид, кои веќе два месеца не посетуваат настава поради проблемите со кадарот на оваа видоко образовна установа, кој, пак, со месеци не зел плата, во отворено писмо до јавноста изразија разочарување од односот на државата кон проблемот, и најавија дека за случајот ги известиле странските амбасади и медиуми.

Како што веќе објавивме, дел од студентите не можат да ги верификуваат потребните документи, ниту да добијат заверена потврда за стекнато знаење. На други, пак, им се заканува протерување од земјата поради истек на визите за престој, поради неможност да го докажат статусот на студенти.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме писмото на студентите:

Почитувани,

Поминаа две недели откако се обративме до јавноста и побаравме итни одговори и мерки од страна на Министерството за образование и наука, кои ќе го решат нашиот проблем, како студенти и идни филмски уметници. Освен изјавата од министерството, во која беше само повторено дека се работи на решение и гласините кои дојдоа до нас дека наводно ќе има решение, сепак ние не сме добиле ниту едно официјално известување од министерството. Односно Министерството за образование и наука нема никаква комуникација со институција која е под нивна надлежност.

Па така ние студентите, веќе втор месец сме оставени на цедило, сѐ уште со надеж дека ќе има позитивна разрешница и наскоро ќе почнеме со редовна настава. Два месеци, без никакво известување од Министерството за образование и наука до студентите кои доаѓаат од целиот свет, привлечени од квалитетниот проект кој го понуди ИФФА(ФИОФА), воопшто незаинтересирани за дневно политичките случувања во Македонија. Во најмала рака ова е несериозен однос од страна на едно министерство и воопшто на една сериозна држава, кон академски граѓани, високо образовани кадри и пред сѐ непочит кон уметници кои дошле во Македонија на дообразување, со желба за траен престој и придонес кон македонската кинематографија.

Револтирани поради молкот и непостапувањето на надлежните за ситуацијата во која се наоѓаат студентите на ИФФА(FIOFA), а за која претходно испративме писмо до сите релевантни медиуми, ја известуваме јавноста дека студентите кои имаат важечки договори со Министерството за образование и наука ќе започнат правна постапка и ќе покренат заедничка тужба, како и поединечни тужби до Министерството за образование и наука поради неисполнување и непочитување на договорите, како и поради дезинформирање или ненавремено информирање, поради кое студентите трпат материјални штети.

Истовремено, интернационалните студенти ги известија своите матични амбасади, но и медиумите во своите земји.
Ние сме студенти, уметници и филмски работници. Ние можеме да разбереме сѐ, но не и бескрајниот молк.

Во очекување,

Студентите на ИФФА(FIOFA) Охрид