Како што јавува „Макфакс“ во министерството за образование, во рамките на кампањата за борба против корупцијата денеска беше отворена канцеларија за превенција и борба против корупцијата, а вакви канцеларии ќе бидат отворени во студентските организации, како и на сите пет универзитети во Македонија. Отворена е и интернет страница каде студентите ќе можат да пријават корупција во високото образование.
Министерството подготви протокол на кој студентот ќе може да ги внесе сите информации поврзани со корупција, овие информации ќе бидат проследени до МОН, а потоа по овие пријави ќе постапува надлежниот просветен инспекторат, внатрешната ревизија или Министерството за внатрешни работи во зависност од типот на информацијата.
„Корупција во Македонија постои и кај нас и во сите земји од светот. Прашањето е како државата одговара и кои се институционалните механизми кој што се поставени за спречување на ова“ изјави министерот за образование, Никола Тодоров.
До студентските лидери досега пристигнувале пријави за корупција, но студентите, според нив, се плашат да пријават вакви настани.
„Досега тивко се зборуваше за овие појави, но досега студентите немаа храброст, доколку има вакви пријави да ги достават“ вели Иван Живковски од СПКУМ.
„Кај нас често се пријавува дека некој од професорите ги тера студентите да купуваат книги. Само тој тип на корупција е досега пријавен“ изјави Шабан Арслани од Тетовски универзитет.
Канцелариите денеска ги промовираа министерот за образование и претседателите на студентските сојузи на петте државни универзитети.
извор: „Макфакс„