По повод 60 години од формирањето на Економскиот факултет- Скопје , со поддршка на општина Охрид, а во организација на АИЕСЕК-Локален комитет од Скопје и Тренинг центарот за европска интеграција при Економскиот факултет, од утре започнува Летната школа на тема: “Направи разлика – Стани зелен европски лидер“.


Ќе учествуваат над дваесет студенти од земјава и странство, професори, предавачи, како и претставници од бизнис заедницата.

–    Преку поврзување на студентите и академскиот свет со бизнис заедницата и локалните власти, летната школа ќе овозможи единствено едукативно искуство  на млади домашни и интернационални студенти, истакна професор Билјана Габер од Економскиот факултет. “ Идејата за формирање на школата, за која се надеваме дека ќе стане традиција, дојде од актуелната и растечка потреба да се подигне свеста кај младата генерација за тоа што значи да се живее во една заштитена околина. Во последните две години е актуелна економската криза, но постојан проблем е заштитата на животната средина. Европската унија се јавува како лидер во заштитата и затоа сакавме пред нашите студенти и од странство да ја  организираме оваа школа која е прва од овој вид.


Во рамки на летната школата ќе се разговара и околу преносот на европската регулатива во македонски услови и како со тоа ќе се придонесе за урамнотежен економски развој.  ” Намерата ни е” , рече професор Габер, ” да остваруваме и повисоки контакти со бизнис заедницата, со цел да ја зголемиме нивната свест, затоа што претпријатијата и големите компании највеќе придонесуваат за нарушување на човековата околина” .

Летната школа ќе трае до 15 август.

Ohridnews