Меѓународната летна школа за архитектура која се одржува веќе девет години во Охрид ќе заврши денеска со презентација на трудовите од студентите од целиот свет кои беа учесници на школата, а можат да дадат значаен придонес при реализацијата на значајни проекти за заштита и промоција на културното наследство на Охрид.
Школата започна на 25-ти септември во организација на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид и Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ – Скопје, а резултатите и искуствата стекнати за време на школата ќе се користат понатаму во секојдневното работење на НУ Завод и музеј Охрид.
На сите досега организирани летни школи учествуваат студенти од цел свет и секоја сесија има соодветна тема со која се обработува по еден дел од градот Охрид. Темата на овогодинешната летна школа е “Staging Ohrid’s Landscape”. Во рамки на школата се анализираат одредени урбани и амбиентални простори на градот Охрид и се изработуваат прилози и идејни проекти за нивна успешна конзервација и презентација во интерес на популаризацијата на вредното светско културно наследство на Охридскиот регион кое е под заштита на УНЕСКО. НУ Завод Музеј -Охрид има значајна улога во реализација на летната школа, чии резултати и искуства се користат во секојдневното работење на нашата установа, велат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Студентите за исполнување на годинашната тема посетуваа различни локации во Охрид и изработуваа повеќе предлог решенија за уредување на тие простории, а годинашни предавачи беа познатите имиња од светската архитектура – проф. Макс Босхарт и проф. Штефан Медер .
Сесиите од летната школа се реализираа во присуство на светски имиња во сверата на архитектурата како Јошихару Цукамото, Момојо Каиџима од Јапонија, Симон Хартман од Швајцарија, Винко Пенезиќ, Крешимир Рогина од Хрватска, Лах кој е коосновач и партнер на љубљанското студио Енота, проф. Харалд Трап од Австрија, шеф на катедра за проектирање на факултетот за архитектура на Ист Лондон Универзитет и проф. Макс Босхарт и проф. Штефан Медер од Швајцарија.
К.А.