Поголема група граѓани од македонска националност, вчера до доцна во ноќта остана на плацот пред градската плажа во Струга, за да ја заштитат иконата која со верски обред пред два дена беше осветена на местото каде според нив некогаш постоела црква. Тие со жив штит не дозволија механизацијата ангажирана од локалната инспекција да го отстрани лимениот времен објект во кој е поставена осветена икона на Св. Богородица.


Наелектризираната ситуација будно ја следеше полицијата, која не дозволи да избие поголем инцидент кога механизацијата се доближи до местото на собирот. Граѓаните не прифатија решението на инспекторатот за уривање на времениот објект да го реализира комуналната служба, сметајќи дека тое е незаконско.


-Доколку општината сака да го отсртани времениот објект, како што е дефиниран во решението на инспекторатот, тогаш според законот ќе мора да формира посебна служба која ќе го реализира решението. Тоа не може да го направи комуналната инспекција, изјави Марјан Деребан, учесник на граѓанскиот собир. Според него спорниот плац кој пред неколку години беше  продаден на јавна лицитација, повторно е вратен на државата откако на барање на јавното правобранитетлство судот ја поништил постапката за отуѓување на државното земјиште. За ова земјиште процес за денационализиција има покренато МПЦ и сметаме дека до решението тука не треба ништо да се прави. Затоа ја поставивме малата икона и подготвени сме неа да ја браниме, рече Деребан.


Локалната самоуправава се огради од инцидентот. Според градоначалникот Рамиз Мерко спорниот простор е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а општината за случајот ќе се изјасни откако ќе ги согледа сите факти.