Стружани, индивидуално или здружено, од 1 јануари идната година може да поднесат предлози до Секторот за урбанизам при Општина Струга, со предлог идеја како сакаат да изгледа нивниот двор.
Тоа е дел од новиот проект на Општина Струга за реализирање на програмата за зазеленување и уредување на градот, која се однесува за партерно уредување на дворните места во рамките на урабанистичките парцели за колективно живеење.
Граѓаните, регистрираните здруженија на станари или група сопственици на станбени згради, да поднесат барања со нивни предлози за тоа како сакаат да изгледа нивното дворно место. Кон барањето може да се приложат идејни скици со предлози за паркинг простор, пешачки патеки, рабници, тревници, садници, а истовремено и предлози за отстранување на монтажните објекти-лимени гаражи. Стручен тим во кој ќе учествуваат и граѓаните ќе ги разгледаат ваквите барања и доколку треба ќе даде дополнителни сугестии, информира општинската прес-служба.
Општината апелира сите граѓани од 1 јануари до 1 април да се вклучат во акцијата за што побрза реализација на проектот, доставувајќи ги своите предлози преку општинскиот шалтер, до Секторот за урбанизам.
OhridNews