Доколку се реализираат најавите на одредени членови на Управниот одбор  за воведување двојазичност во Струшките вечери на поезијата – СВП, стружани ќе ја бојкотират културната манифестација, се закани граѓанското здружение „Наша Струга“.

Сметаме дека концепцијата на СВП по која таа долги години е позната во светот не смее да се нарушува, бидејќи, тоа ќе предизвика одредени потреси и реакција кај граѓаните кои се закануваат со бојкот, изјави за Ohridnews, Јордан Попаѓиноски од граѓанското здружение „Наша Струга“.

“Воведување двојазичност значи еден вид на културна федерализација на оваа манифестација што не е дозволиво во овој период кога сме пред влез во НАТО  и чекаме покана за ЕУ. Доколку тоа се случи мислам дека меѓунационалните односи во Струга ќе се пореметат ионака тие сега  не се на завидно ниво“, рече Попаѓиноски.

Наспроти него градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, не гледа проблем во употребата на албанскиот јазик во СВП. За него тоа е техничко прашање. „ Нема злоупотреба  на јазикот.Сите поети на СВП  се претставуваат на својот јазик, Португалецот-португалски, Шпанецот – шпански, Американецот – англиски, така што тука нема некој посебен проблем, што се однесува до преводот од македонски на албански тоа е работа на техника и не е ништо посебно бидејќи и поканите се тројазични македонски-албански- англиски“, вели Мерко.


јазикот е техничко прашање-Рамиз Мерко

Мерко вели дека многу посериозен проблем претставува неорганизираноста на одговорните субјекти поради што се доцни со подготовките на 47-то издание на СВП.

Никогаш до сега не се случило во месец март да не биде познат лауреатот, не е извршен ниту изборот на најдобар млад поет, а изостана и меѓународното претставување на фестивалот. Новоназначениот претседател на манифестацијата Пунторие Муча-Зиба е надвор од земјата, а Управниот одбор на СВП не функционира. Според Мерко Управниот одбор на СВП нема капацитет да ја организира манифестацијата на потребното ниво, а Министерството за култура под чија капа се одржува поетскиот фестивал несериозно се однесува. „Со организацијата се доцни. Треба цела година да се работи не само два три месеци пред манифестацијата, но ние не сме прашани за ништо и не  знаеме до каде е организацијата на СВП“, вели Мерко. Доколку седиштето на СВП се пресели во Струга и  континуирано преку целата година се работи, како што е случај со Охридско лето, тогаш убеден сум нема да се соочуваме со вакви проблеми, додава Мерко.


доцни организацијата на СВП

Загриженост околу доцнењето со организација на 47-то издание на СВП изразува и граѓанското здружение Наша Струга кое бара организацијата на СВП најитно да му биде доделена на Друштвото на писатели на Македонија. Сметаме дека таму има поединци кои како долгогодишни учесници на манифестацијата би можеле соодветно да се справат со новонастанатата ситуација, велат од „Наша Струга“.

Горан Момироски