Стружани се лути на Управниот одбор на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ кој според нив манифестацијата се’ повеќе ја приближува кон Охрид. Тие се незадоволни што Вечерта на националната поезија, која годинава е посветена на Норвешка, ќе се одржи во Музејот на вода во Градиште. Струшките поети сметаат дека со тоа фестивалот се оддалечува од градот на поезијата и дека освен отворањето и затворањето другите манифестации се одржуваат во Охрид.

Незадоволство искажаа и членови на здружението „Наша Струга“ кои исто така имаат забелешки на работата на  Управниот одбор на фестивалот на чие чело е охриѓанецот Славе Ѓорго Димоски.

Од УО на фестивалот ги отфрлаат ваквите обвинувања и објаснуваат дека Струга и натаму е центар на фестивалските збиднувања. Оттаму велат дека организацијата на Вечерта на националната поезија во Градиште е со цел фестивалот да го обедини Охридското Езеро и дека во иднина оваа манифестација ќе се одржува на различни места в долж езерскиот брег.

Во сенка на препукувањата со положување цвеќе пред спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга и со претставување на портретот на Наум Миладинов, помалку познат брат на Димитар и Константин, денеска започнаа активностите на најпрестижната меѓународна поетска манифестација во Македонија „Струшките вечери на поезијата“. Свеченото отворање е утре вечер пред „Домот на поезијата“ со традиционалното читање на песната Т’га за југ и со концерт на маестро Симон Трпчески.

Ohridnews