Протест против укинување на предметот веронаука во основното образование се одржа денеска во Струга. На мирниот собир што го организираше невладината организација „Центар за рурален развој -ЈЕ“ од Струга, помала група граѓани и вероучители со транспаренти го искажаа своето негодување на одлуката на Уставниот суд.


Денеска се собравме во мултиетничка Струга да дадеме поддршка на 15 000 деца кои всушност имаа право на избор кое им беше насилно укинато, ни изјави Владо Недески- вероучител.


За жал  беше донесена една неразумна одлука со цел да се наштети на децата. Не навлегувам дали таа е политички донесена, но ова е еден вид дискриминација, бидејќи толкувањето на секуларноста на една држава како што ја замислиле некои луѓе всушност асоцира дека ние сме тоталитарна, а не секуларна држава. Се надевам дека државата ќе смогне сила да го исправи сето тоа и дека сите добри луѓе ќе ја поддржат волјата на 15 000 деца кои слободно избраа да изучуваат веронаука, бидејќи ова што сега го имаме е насилно укинување на правото на избор и слобода, рече Недески.


Меѓу луѓето кои протестираа беше и родителот Билјана Санџакоска, која изрази жалење што се укинува проектот веронаука.

-Во земја каде околу 60% се православни, а останатиот дел муслимани мислам дека не е во ред да се укине овој предмет кој не беше задолжителен. Кој што не сакаше да учи не учеше веронаука. Ние што сакаме нашите деца да слушаат за Бога и да учат за него  ги пуштивме да следат таква настава, за сега еден мал процент на луѓе да ни го укинат тоа право, но мислам дека нема да успеат
, рече Санџакоска.


Протестот во Струга мина во мирна атмосфера и без инциденти.

Ohridnews