Вчера, 12.03.2010 година, МВР до ОЈО Струга  поднесе кривична пријава против Ж.Н.(45) од Струга, поради постоење на основано сомнение дека  сторил кривично дело „ИЗНУДА“ по член 258 од КЗ на Р.Македонија, инаку познат сторител на кривични дела од областа на насилниот криминал. Заедно со кривичната пријава и доказниот материјал осомничениот беше изведен пред надлежниот Истражен судија од чија страна на пријавениот му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

Имено на 04.02.2010 година, пријавениот со намера за себе да прибави противправна имотна корист, на лице од  Охрид, преку мобилен телефон му испратил порака со заканувачка содржина, во која биле упатени сериозни закани по неговиот живот и животот на членовите на неговото потесно семејство, со цел да изнуди парични средства во износ од 1.000.000 евра. За да ја оствари својата намера осомничениот претходно обезбедил телефонска картичка со префикс на мобилен оператор од Р.Србија, која на  04.02.2010 година ја активирал на својот мобилен телефонски апарат и во 17.45 часот на мобилниот телефонски апарат кој го користел оштетениот му испратил порака со заканувачки текст на српски јазик, во која се наведува дека тој и неговите два сина ќе бидат ликвидирани доколку не ја исплати бараната сума на пари.

Оштетениот по неколку дена, случајот го пријавил во Одделот за организиран криминал и од истиот е земен записник за прием на кривична пријава за сторено кривично дело „Изнуда“ предвидено по член 258 од КЗ на Р.М.

По преземените оперативни мерки и активности од страна на Одделот за организиран криминал, Единица за борба против насилен криминал, на 11.03.2010 година, во просториите на СВР Охрид, повикано е осомничениот, со кого е извршен разговор и со потврда за привремено одземени предмети од истиот се одземени два мобилни телефонски апарати: Мобилен телефон марка „НОКИА“ модел 1662 со сим картичка од Т Мобиле  и мобилен телефон марка „НОКИА“ модел 2680 од кој е активирана  телефонската картичка со префикс на мобилен телефонски оператор од Р. Србија, од кој телефон и картичка е испратена заканувачката порака.

Од страна  на Истражен судија од Основен суд Струга издадена е Наредба за вршење на претрес во дом и други простории кај Ж.Н. и на адесата каде што престојува и при претресот се пронајдени и со потврда привремено се одземени: една сим картичка „МТ:С“ од Телеком Србија, држач за сим картичка на „ВИП“, една сим картичка од „Вип“, една сим картичка од „Т Мобиле“ и еден држач за сим картичка на „Космофон“, кои предмети заедно со останатот доказен материјал се доставени до судот во прилог на кривичната пријава, соопшти МВР.

OhridNews
извор:МВР