Стружанецот Димитар Миладинов е среќниот добитник на деловен простор во рамки на правото извлекување на Наградната игра ,,Фискална во рака-награда без мака’’, која ја организира Министерството за финансии на Република Македонија.

Во јавното извлекување кое се одржа вчера на Првата програма на Македонската радио телевизија, освен дуќанот беше доделен и стан во Скопје, кој му припадна на Трајко Кузмановски од Куманово. Третата главна награда, автомобил Пежо 207, замина во рацете на Панде Мановски од битолското село Буково. Исто така беа извлечени и околу 150 вредносни ваучери за купување на бела техника, компјутери, мобилни телефони, спортска опрема и прехрамбени продукти.

Вицепремиерот Зоран Ставрески, кој беше гостин во отворената програма рече дека фискалната дисциплина  дава можност да се изградат повеќе училишта, болници, патишта, да се зголемат пензиите, да има повеќе пари за земјоделците и за се друго што се финансира од буџетот.

-Секој граѓанин треба да го знае тоа дека со барањето фискална сметка има можност да поддржи изградба на некој објект или за подобар живот за граѓаните во Република Македонија, нагласи Ставрески.

Тој смета дека на ваков начин и децата и повозрасните стануваат посвесни дека  фискалната дисциплина се нивно право, а на тој начин можеме да ја поддржиме изградбата на државата.

– Ќе донесеме малку среќа во 150 – тина семејства, а очекувам дека и сите други понатаму ќе имаат можност да бидат дел од следните извлекувања и да добијат некоја вредна награда, рече вицепремиерот Ставрески.

Тој потенцираше дека се надминати очекувањата на Министерството за финансии, бидејќи за првото коло од наградната игра пристигнале околу 800.000 коверти.

OhridNews