Бени Османоски, родум од Октиси, струшко, кој моментално живее во Швајцарија, на голем кик бокс турнир, што ќе се одржи на 28 јули на ракометното игралиште во Струга, ќе ја брани светската титула во дисциплината К1. Струга, како што вели, ја избрал од повеќе причини, затоа што е негово родно место и затоа што за Струга го врзуваат убави спомени од првата негова борба во Македонија, во салата „Нико Нестор“ каде победил со нокаут.
Отсекогаш сум имал желба да се борам во својот роден град, во Струга. Да направам еден убав спектакл. Сум се борел насекаде низ светот на сите големи турини, сум постигнал многу доаѓајќи од една мала средина. Ми беше желба да направам нешто дома, луѓето да сфатат дека не треба да сте незнам што, туку дека со дисциплина, работа и труд може да се постигне многу и кога тогаш светот ќе слушне за тебе. – вели во разговор за Охридњуз, Бени Османоски.
Турнирот на кој ќе има неколку предборби во кои ќе настапат млади таленти, ќе се одржи под закрилата на швајцарската професионална федерација „Swiss Combat professional“. Таа ќе го избере и противникот на Османоски, кој ќе го предизвика за светската титула. На 27 јули, ден пред борбата за светската титула закажана за 28 јули, ќе има претставување на учесниците на кик бокс турнирот во Струга.
Се работи за една од најаките федерации за професионални и аматерски борби. Секој месец организира турнири каде има 80-90 борби, што би значело дека секој турнир има 160 натпреварувачи. Целта ми е со турнирот во Струга да им овозможиме на македонските борци да се борат на сцена каде некој ќе може да ги забележи. На настанот ќе има швајцарски менаџери и тренери кои ќе ги гледаат, а тоа е можност за докажување и интернационална кариера, затоа треба да бидат добро подготвени вели Османоски.
Триесет и пет годишниот Бени Османоски е шесткратен светски шампион во дисциплината К1 до 83 килограми. Последен пат ја бранеше титулата во октомври минатата година. Има освоено четири европски титули, како и четири швајцарски тутили во професионални мечеви.
Османоски до сега има 76 професеионални борби од кои само 15 се порази и 2 нерешени. Останатото се победи во кои има остварено 42 нокаути.
Кик бокс шампионот ова лето доаѓа во родната Струга на К1 спектакл со намера да го задржи победничкиот појас во светска конкуренција.
Г.М.