Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР приведе осум лица членови на група, кои што во текот на минатата и оваа година со употреба на закани по животот и имотот на наводни должници, на насилен начин прибавувале значителна имотна корист наедно предизвикувајќи и штета по имотот на граѓаните преку опожарување на возила и објекти на оштетените. Во групата учествувале пет лица од Скопје и скопско Сарај, едно лице од Струга, од Велес и од Неготино.

Криминалната група делувала на подрачјето на град Скопје. Првопријавениот во период 2016-2018 година, создал злосторничко здружение во кое како активни членови учествувале неговиот брат и останатите пријавени, кои заради прибавување на значителна противправна имотна корист преку употреба на сериозни закани и уцени успевале да извршат наплата на долгови од лихварски услуги или нарушени бизнис релации. Оваа организирана криминална група имала хиерахиска структура со однапред одредени улоги за секој од членовите“. Наводните доверители кои што имале “побарувања“ од трети лица (должници/жртви) по основ на лихварски долгови или нарушени бизнис релации, заради наплата на своите побарувања ги ангажирале организаторот на групата и неговиот брат за посредување во наплата на побарувањата, кои преку употреба на сериозни закани и уцени, и насилство успевале за одреден процент (вообичаено 8 проценти од целосниот долг) да ги наплатат побарувањата. Како инструменти при наплатата на долговите, исто така, се служеле и со нотарски заверени изјави и договори за превземање на побарување, пренос на должнички-доверителски односи, компензациски договори за пренос на сопственост на имот (вообичаено возила) за наводно извршени услуги и слично. Во одредени случаи, преку ваквиот “систем“ на криминално делување побарувањата се пренесувале на членовите на групата, така што должниците односно  жртвите станувале должници на организаторот на истата.

Покрај ова во рамки на оперативните активности за документирање и сузбивање на криминалните активности на групата, детектиран и документиран е и случај на нелегална трговија со хероин во која била инволвирана групата.

Од страна на Судија на претходна постапка за двајца од приведениете веќе е одредена мерка притовор во траење од по 30 дена, а на други двајца мерка-претпазливост.

OhridNews