Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет по допрен глас во врска со написите во одредени медиуми дека за време на одржувањето на Вевчанскиот карневал било запалено знаме на Република Бугарија.

Како што соопшти ЈОРМ, предметот е оформен со цел да се испита постоење на кривично дело „повреда на угледот на странска држава“ од член 181 од Кривичниот законик.

Притоа, надлежен јавен обвинител издаде наредби до СВР Струга со цел утврдување на идентитетот на сторителот, како и идентификација на други присутни на настанот. Во исто време, по наредба на јавен обвинител ќе бидат обезбедени евентуалните снимки од камери на кои е регистриран инцидентот, а ќе бидат преземени и други дејствија за расчистување на кривично – правниот настан, се наведува во соопштението.​​

МВР денеска соопшти дека  работи на расчистување на случајот со палењето на знаметото на Република Бугарија во Вевчани, кој бил видео документиран.

Да, за жал имавме таков немил настан. Ние работиме на целосно расчистување на тој случај и очекуваме наскоро да биде расчистен, истакна портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

По палењето на бугарското знаме на карневалот во Вевчани, Софија упати вербален демарш, за што информираше бугарската министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева. Осуда за чинот изразија и шефот на државата Стево Пендаровски.

 

Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување, стои на фејсбук профилот на шефот на државата.

Инцидентот го осуди и македонското  МНР.

OhridNews