Светскиот ден на поезијата ќе биде одбележан од Струшките вечери на поезијата. Одбележувањето ќе започне со свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година, кое ќе се одржи денеска со почеток во 11 часот во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.

По свеченото прогласување ќе следува традиционалното поетско читање на кое ќе настапат истакнати поети- членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети, a од името на Македонскиот ПЕН центар ќе биде прочитано поетското послание.

По повод Светскиот ден на поезијата, годинава ќе биде организирано и поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга кое ќе се одржи вечер со почеток во 18ː30 часот. Ќе настапат истакнати македонски поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево, Прилеп и од Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.

Во чест на Светскиот ден на поезијата, во Europe House – Струга вечер со почеток во 20 часот ќе биде организирано и поетско читање „Пулсот на поезијата“ на кое ќе настапат млади поети од Струга, Охрид, Вевчани, Скопје и Куманово, по што ќе следува музички настап на ПИЈАН СЛАВЕЈ.

Оваа година, првпат, со заедничка иницијатива на Струшките вечери на поезијата и Министерството за образование и наука, по повод 21 Март – Светскиот ден на поезијата е објавен конкурс за избор на најдобра песна, наменет за учениците од основните и средните училишта. Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста и имагинацијата на учениците и популаризација на поезијата како литературна форма и највисок јазичен израз.

Исто така, за првпат оваа година во сите основни и средни училишта за време на наставата по мајчин јазик ќе се организира и еден специјален час посветен на Светскиот ден на поезијата.

Пред младите ќе бидат презентирани примери од најпознатите светски и домашни поети како и значењето на „Струшките вечери на поезијата“ како еден од најзначајните светски поетски фестивали.

OhridNews