Според најавите на организаторите, годинава Струшките вечери ќе бидат вистинско поетско богатство, со што повторно ќе се потврди високиот стандард и големото значење на фестивалот. Освен на странските и домашните творци, планирано е големо внимание да им се посвети и на новинарите, кои со своите известувања ќе дадат значаен придонес за поширока афирмација на фестивалот.
Добитник на престижната награда „Златен венец“ на Струшките вечери годинава е Љубомир Левчев од Бугарија. Наградата ќе му биде врачена на традиционалната манифестација „Мостови“ на последниот ден од фестивалот во Струга. Левчев, по Фатос Арапи од Албанија и Томаж Шаламун од Словенија, е трет поет по ред од Балканот на кој му е доделен „Златниот венец“.
За годинава, исто како и досега, остануваат главните манифестации на Струшките вечери на поезијата, како што се Вечер на националната поезија, претставување на творештвото на лауреатот, Полноќните поетски читања, Ноќи без интерпункција, Поетски собири покрај езерото, традиционалниот научен симпозиум, како и неформалниот пикник кај „Св. Наум“.