Денеска од 19:30 часот пред спомен домот на браќата Миладиновци во Струга, ќе биде претставен документарниот филм посветен на приказната за поетот и активист Монгани Вали Сероте, минатогодишниот лауреат на „Струшките вечери на поезијата“.

Проекцијата на филмот е во рамките на струшката промоција на седмиот број на уличното списание „Лице в  лице“, но и придонес кој „Струшките вечери на поезијата“ го дава во насока на поддршка на активизмот.

Насловот на филмот е „Поет на револуцијата“ во режија на Диме Ратајкоски, а во продукција на МРТВ и СВП.

Директорот на СВП, Мите Стефоски објаснува дека животната и творечка приказна кои се прикажани во овој документарен филм се сведоштво за посветеноста и истрајноста преку активизам да биде добиена таа борба против неправдата, нехуманиот однос на еден дел од човештвото кон друг негов дел.

„Сероте и како борец, но и како поет, со суптилен ангажман целиот свој живот тежнее да го избори она што природно секому би требало да му припадне – правдата, еднаквоста, човечкото достоинство.“ – вели Стефоски.

Тој додава дека затоа овој документарен филм  е парадигматичен, податлив да се предочи на секого за овие моменти на нечовечност,  на нејзините застрашувачки димензии, на рамнодушноста, која е исто така погубна.

„Овој филм сведочи и за една вонредна човечка мудрост и творечка појава која е неодминлива токму заради тој активизам. Тој се обидува и преку своето творештво да ги актуализира сите овие нешта, без притоа да бидат жртвувани естетските или уметничките вредности, без тој ангажман да наштети на уметничкото дело, но да биде моќно оружје во таа борба.“  – објаснува Стефоски.

Токму затоа, додава тој, дошле до идејата дека преку прикажувањето на овој филм во контекст на промоцијата на новиот број на „Лице в лице“ во Струга ќе се даде придонес во поттикнувањето на свеста за активизмот.

„Неговиот живот на онеправдан и изгнаник, но во постојана борба да се сменат нештата е пример и за сите оние кои сме ги турнале на маргините самите да се обидат да ги изборат своите битки, но и за сите нас, за и ние да станеме свесни за нивното постоењето и суштината на нивните проблеми преку нивната акција. За таква една битка, водена на сите можни начини и изрази сведочи животниот и творечки пат на Сероте.“ – вели Стефоски.

Настанот е во организација на „Струшките вечери на поезијата“, во соработка со „Лице в лице“ и со поддршка на организациите ИНКА, „Порака Нова“, „Сороптимист“ и Црвениот крст на Струга.

OhridNews