Струшките вечери на поезијата (СВП) заедно со уште десет познати европски поетски фестивали ќе биде дел од поетската платформа Версополис, проект во рамки на новата програма „Креативна Европа“ на Европската комисија. Мото на Версополис е „Каде што живее поезијата“, а целта е поширока европска афирмација на млади поети, публикување и превод на нивно творештво и интензивирање на соработката меѓу фестивалите кои се посветени на поезијата.
Директорот и претседателот на Управниот одбор на СВП, Мите Стефоски и Славе Ѓорго Димоски, вчера на прес-конференција информираа дека веб-страницата на платформата ќе биде промовирана во март идната година.
-Версополис ќе им помогне на автори кои се веќе етаблирани во матичните земји да го распространат своето поетско творештво и надвор од границите, и како прва и најзначајна цел е да бидат промовирани европските поети и нивното творештво и да биде создадена блиско поврзана поетска заедница. Прецизно се договорени сите аспекти за соработка и целта е Версополис да стане бренд, рече Стефоски.
Секоја од земјите, односно нивните фестивали, во првата година од проектот ќе предложи по пет поети, а уште по толку во втората и во третата година, колку што начелно ќе трае проектот, иако идејата е тој да биде долгорочен.
Стефоски соопшти дека СВП ги избрало своите петмина претставници во платформата, раководејќи се од критериумот да бидат автори кои добиле награди, но и млади автори кои веќе се забележителни и заслужуваат европска афирмација. Претставници на СВП ќе бидат добитниците на наградата „Мостови на Струга“ во 2012, 2013 и 2014 година: Франсоа Ксавие Мегр, Николина Андова и Хари Ман, и двајца македонски поети добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ – Владимир Мартиновски и Ѓоко Здравески. Поетите што ќе бидат дел од Версополис ќе бидат претставени со биографски податоци и кратки осврти, а ќе биде објавен и буклет со нивни песни на три јазици.
Буџетот на Европската комисија за Версополис е 370.000 евра, а на СВП му следуваат 24.000 евра.
Покрај СВП, кој е најстар непрекинат поетски фестивал во светот, во Версополис се вмрежени и фестивали од Словачка, Италија, Шведска, Полска, Велика Британија, Литванија, Белгија, Хрватска, Австрија и Словенија, а се планира во иднина платформата да се прошири со уште пет-шест земји.
OhridNews