Претставници од туристичкиот сектор се запознаа со можностите што ги нуди проектот „Струга и Поградец за промоција на туризмот и културното наследство-COOLTOUR“, преку кој со средства од Европската унија ќе бидат грантирани 40 соларни панели.
Според Кристина Најдовска Илиевски, проектен менаџер, меѓу другото предвидено е да се субвенционираат по 20 мали еко бизниси од туристичкиот сектор во двете погранични општини Струга и Поградец со поставување соларни панели.
На следната инфо-сесија детално од експерт ќе бидат соопштени критериумите за аплицирање. Потребно е бизнисот да биде еко или да има потенцијал да биде еко, да биде мал бизнис, од областа на туризмот, односно туристички провајдери и агенции, хотели, угостителски објекти. Да имаат имотен лист или кирија на подолг временски период и сите услови кои ќе бидат потребни за поставување соларни панели ќе бидат предвидени од експертот, како големина на кров, сончеви саати и слично, појасни Најдова Илиевска.
Раководителот на секторот за европски проекти во Општина Струга, Албрим Положани забележа дека интересот кај стопанствениците е голем.
Интересот беше изненадувачки голем. Велам изненадувачки затоа што не сме имале многу интерес за други проекти, но за ова мислам дека има бидејќи поскапувањето на струјата е многу големо и со средствата што ги имаме колку што можеме ќе им олесниме, рече Положани.
Проектот „Струга и Поградец за промоција на туризмот и културното наследство-COOLTOUR“, почна да се реализира во јануари минатата година, а ќе трае до декември 2024 година. Целта е преку реализација на повеќе активности, заеднична промоција на туризмот во двете погранични општини со своите природни убавини, храна, историски знаменитости, како и подобрување на туристичката инфтраструктура. Финансиран е од Европска унија од програмата на ИПА II за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија.
OhridNews