Започна одржувањето на првите едукативни предавања кои се дел од проектот „Младите во движење“ кој го спроведува ПЕД „Закамен“. Предавањата на тема „Биолошката разновидност на планината Јабланица“ е предвидено да се реализираат во струшките средни училишта „Нико Нестор“ и „Др. Ибрахим Темо“, се со цел да се подигне еколошката свест кај младите за зачувување на природните богатства на планината Јабланица. Во рамки на проектот е предвидено да се поделат памфлети за промоција на настанот.

Исто така, предвиден е и младински еколошки камп кој ќе се организира во село Горна Белица на крајот од месец мај. Во кампот младите ќе бидат запознаени со шумските плодови, печурките и лековитите билки кои изобилуваат на планината Јабланица, нивно правилно собирање и заштита, а за крај е планирано и составување на хербариум. Учесниците на кампот директно ќе можат да посведочат и за последиците од нелегалната сеча во овие предели. Проектот ќе заврши со планинарски марш чија цел е да се покрене иницијатива за ставање крај на пустошењето на шумите и бесправната сеча со кои континуирано се уништуваат нашите природни богатства.

OhridNews