Учениците македонци од средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ од Струга, ги прекинаа протестите и денеска се вратија на настава. Тие вчера наместо настава одржаа протести пред зградата на општината со барање за воведување етнички смени во средните училишта во Струга. Учениците македонци сметаат дека само на тој начин ќе се спречат меѓуетничките инциденти во „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ кои пред десетина дена кулминираа со масовни тепачки во кои имаше повредени и приведени.
наставата денеска се нормализира
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, во разговор за Ohridnews, изјави дека наставата во средните училишта во градот денеска се одвива нормално. Тој не информираше дека вчера попладне се сретнал со претставници на учениците македонци и раководителите на средните училишта. На средбата се разговарало за актуелните состојби при што учениците македонци останале на претходно искажаниот став за воведување етнички смени во училиштата.
Рамиз Мерко
На состанокот било договорено ова прашање да го разгледаат управните одбори на училиштата, Советите на родители, Наставничкиот совет и Советот на општината, како и да се сочека мислењето од Министерството за образование. Евентуалнота одлука треба да биде донесена со широк консензус и таа треба да биде заедничка, ни изјави Мерко. Тој истакна дека каква и одлука да донесе пошироката заедница локалната самоуправа е подготвена да ја испочитува и спроведе.
Г. Момироски