Три недели по трагичниот настан кога на див шанк кај струшкото Пливалиште од струен удар животот го загубија три лица, Советот на општина Струга денеска иницираше расправа за безбедносната состојба на плажите.


Струшките советници побараа информација од локалната самоуправа за поставувањето  урбанa опрема на плажите, каде според нив не постои никаков ред.

– Во Струга урбана опрема се поставува на секој метар квадратен, висат кабли од сите страни, загрозена е безбедноста на граѓаните и лесно може да се случи нова трагедија, предупреди  Сретен Бандоски, советник од ЛДП. Според него инспекциските служби треба најитно проверат како се издадени тие времени објекти, тераси и шанкови и дали тоа е направено согласно законот.



Според градоначалникот Рамиз Мерко, местото на кое функционирал нелегалниот шанк каде се случи трагедијата било приватен имот на Пливачкиот клуб и општината немала ингеренции да врши контрола на работењето на угостителските објекти на плажата, туку тоа било во надлежност на државните инспекции.

-Нема хаос на струшките плажи, а трагедијата што се случи едноставно е судбина и такви работи можат да се случат секаде, рече Мерко.


Советниците побараа локалната и централната власт да престанат да си ја префлаат одговорноста едни на други и конечно да воведат  ред на струшкото крајбрежје. Расправата за состојбата на струшките плажи ќе продолжи на една од идните седници, откако локалната самоуправа ќе го изготви извештајот за поставување на урбана опрема на крајбрежјето.

Г.М.