Заврши „Првата Македонска Крапска Лига 2013“ во организација на Македонската риболовна федерација. Лигата се одржа на езерото Истатов во с. Црничани, Дојран, а се риболовеше во 3 кола, а секое коло траеше 50 часа.

Во риболовното натпреварување учество земаа 16 екипи од Државава, кои се натпреваруваа во риболов на крап со јадица на дно. Покрај силната конкуренција и неизвесноста до самиот крај, ова натпреварување ќе биде запаметено и по богатиот улов од страна на речиси сите учесници.
 
Победник на ова натпреварување беше екипата ЛапластМК од ЗСР Мак-Дам од Куманово, второто место го освои екипата КарпологијаМК од ЗРСК Пастрмка-Струга, а третото место го освои екипата на ЗСР Бабуна – Велес.
 
Најголемата риба во ова натпреварување, со тежина од 10,38 кг., ја улови натпреварувачот на ЗРСК Пастрмка- Струга, Јане Мојсоски.
 
Освен екипата на ЗРСК Пастрмка – Струга, од регионов учество земаа и екипите на ЗРСК св.Стефан – Охрид и ЗРЛЕ Црн Дрим – с. Лабуништа, Струга, кои се пласираа на 12, односно 10 место.

Првопласираните три екипи ќе ја сочинуваат Македонската риболовна репрезентација и ќе учествуваат на

Светското првенство во риболов на крап со јадица на дно, кое ќе се одржи во Португалија оваа година.