Уставниот суд на Република Македонија во средата ја укина одлуката за донесување на Статутот на општина Струга поради непочитување на Бадентеровото правило при донесување на највисокиот  општински акт.

Ваквата одлука е изненадувачка за претседателот на струшкиот Совет, Сејфула Хани, кој  вели дека за Статутот гласале двајца припадници на другите заедници во Советот (мнозинство имаат албанските советници) и дека е задоволен Бадентеровиот принцип. Според него советниците Македонци  не го подржале статутот од политички причини.


Сејфула Хани и Зоран Гулицоски

Според советникот од ВМРО ДПМНЕ, Станислав Буклиоски, укинувањето на спорниот статут е потврда дека во Советот на општина Струга се врши класично надгласување. Системот на надгласување е очевиден бидејќи и сами ќе видите дека одлуките во Советот   се носени со гласовите на мнозинство од албанскиот блок, вели Буклиоски.

Струшките советници се согласни дека новонастанатата ситуација треба да се надмине со консензус и дека одлуката за Статутот, како и одлуките кои се од поширок интерес за заедниците што живеат во Струга треба да се донесат со консензус. Прашањето за Комитетот  за меѓунационални односи, прашањата од областа на културата, од областа на образобаванието, како и прашањата што се поврзани со секојдневниот живот а ги тангираат меѓуетничките односи и создаваат диспропорции треба да бидат составен дел од градење  консензус во заедницата, вели Симон Алексиески, советник од ЛДП. Според него во Советот на општина Струга досега ниту еднаш не било применувано Бадентеровото правило, иако имало повеќе ситуации кога имало потреба од тоа.


Општински Совет – Струга

Советникот од НДП, Беким Кица вели дека Бадентеровото правило треба да се применува во Советот на општина Струга. Според него проблемот на струшкиот Совет е тоа што  советниците одлучуваат политички по одредени прашања.

Укинувањето на спорниот Статут според правните експерти нема да ја блокира работата на Советот  ниту на општината, кои ќе продолжат да одлучуваат и работат врз основа на стариот Статут. Правните експерти појаснуваат дека по автоматизам нема да биде укината ниту една одлука што Советот на општина Струга ја донел според спорниот Статут, но според нив одлуката на Уставниот суд отвора можност одлуките кои биле донесени без бадентерово мнозинство да бидат обжалени. Доколку тоа се случи правните експерти предвидуваат дека Уставниот суд ќе ги укине сите спорни одлуки кои се донесени без потребниот број гласови на претставниците на малцинските заедници во Струга.

Г. Момироски
Фото: С. Костоски