Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко упати сериозни обвинувања на адреса на  власта и судството кои според него ја опструираат  работата на локалната сампоуправа.

Причина за ваквата жестока реакција на Мерко е времената мерка што ја донесе Основниот суд во Струга со која се стопираат градежните работи за изградба на паркинг простор на улицата 15-ти Корпус во непосредна близина на Паркот на поезијата.

Мерко смета дека судот бил пристрасен во одлучувањето по иницијативата на група граѓани и правобранителството, што според него, штетно ќе влијае на пошироката заедница.


Мерко се жали дека власта го опструира

Од струшкиот суд возвраќаат дека одлуките што ги носи судот се во согласност со законот, додека одрдени активности кои што општината сака да ги преземе не се во согласност ниту со постоечкиот ДУП, ниту со ГУП.

Покрај судството Мерко денеска изнесе голем број обвинувања и на адреса на Министерството за транспорт и врски кое според него се обидува да ја минира туристичката сезона во Струга. Поради одбивањето доброволно да го раскине долгорочниот договор за закуп на крајбрежјето министерството за транспорт иницираше донесување времена мерка со која на општината и се одзема правото да управува со плажите. Ваквата ситуација ја користат поединци кои ги узурпираат  плажите, а ништо подобра не е ниту состојбата во урбанизмот каде секојдневно никнуваат дивоградби.


Ничија земја-плажите во Струга

Министерството за транспорт и врски ги отфрла обвинувањата од страна на градоначалникот на општина Струга.  Во писмената реакција на Министерството се наведува дека  градоначалникот во неколку наврати бил  повикуван со цел спогодбено раскинување на договорот за основање на право на долготраен закуп на градежно земјиште, што од негова страна било одбиено.

Министерството потсетува дека  против градоначалникот на општина Струга е поднесена кривична пријава заради бесправно стопанисување со плажите на крајбрежјето на Охридското езеро на подрачјето на општина Струга.

За разлика од овој случај, Министерството за транспорт и врски со општина Охрид спогодбено го раскина договорот за засновање на долготраен закуп на плажите во општина Охрид и истите беа дадени под краткотраен закуп, со што најголем дел од плажите на охридското крајбрежје во Охрид добија европски изглед, а резултатот е видлив со експанзијата на туристичките посетители од земјава и од странство, се вели во соопштението.

Министерството тврди дека доставените детални урбанистички планови од општина Струга биле со непотполна документација, и му го порачува  на градоначалникот на општина Струга да работи законски.

Г. Момироски