Во завршна фаза се подготовките за 53. Струшки вечери на поезијата кои свечено ќе бидат отворени на 21-ви август со засадување дрвце во Паркот на поезијата, во чест на лауреатот јужнокорејскиот поет Ко Ун.

Директорот на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски на прес-конференција на која ги презентираше тековните активности во врска со подготовките за најстариот поетски собир во светот, рече дека наскоро го очекуваат и пристигнувањето на Ко Ун, со кој доаѓа и значајна делегација од општествениот живот на таа држава.

-Тежнееме секоја година да направиме Фестивалот да добие нови содржини. Значајна промена во однос на минатите години е тоа што и даваме посебен акцент и на македонската поезија, но овој пат бидејќи е интернационален фестивал, со акцент токму на моментите на нејзина промоција пред гостите од странство, издавачите, директорите на значајни поетски фестивали, рече Стефоски.

Тој потенцира дека еден ден ќе биде посветен на промоција на македонската поезија преку омажите на значајните македонски поети основоположници на современата македонска поезија на промоција на актуелни книжевни случувања, промоција на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, најзначајната награда за поетска книга во Македонија. Новина која од годинава редовно ќе биде во идните програмски содржини, истакна Стефоски, е поетскиот портрет на тројца значајни македонски автори. Годинава тоа се Богомил Ѓузел, Радован Павловски и Влада Урошевиќ.

Заедно со УНЕСКО се доделува наградата „Мостови на Струга“, а едно од најзначајните изданија годинава ќе биде антологијата на словачката поезија.

На најстариот поетски светски собир, кој завршува на 26-ти август, освен од Македонија ќе присуствуваат поети од Австралија, Египет, Иран, Бразил, Јапонија, САД, Норвешка, Турција, Словачка, Финска итн., кои ќе ја претстават својата култура, а ќе го запознаат и македонското творештво преку поетски читања, средби и претставувања.

OhridNews

Извор:„МИА“