Околу 60 автори од земјава и странство ќе учествуваат на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“ што од 7 до 9 јули ќе се одржува во Струга, Охрид и Вевчани.
Годинашното, шесто издание ќе биде посветено на 155-годишнината од излегувањето на Зборникот на македонски народни песни на браќата Миладиновци. Организатори на манифестацијата се културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“ – Струга.
Според најавите, манифестацијата, ќе почне со Меѓународно поетско матине на Вевчанските извори, каде поетски читања ќе имаат поети од Македонија, Албанија, Бугарија, БиХ, Полска, Романија, Словенија, Србија, Хрватска…
Во спомен домот на браќата Миладиновци ќе се одржи симпозиум на тема „Билингвалните (дводомни) писатели – Мост меѓу јазиците и народите“, а хрватската писателка Хрвојка Михановиќ-Салопек ќе има беседа во чест на 155 години од излегувањето на Зборникот на македонски народни песни (1861-2016) и чест на браќата Миладиновци.
Во црквата Свети Никола ќе биде претставен портретот на добитникот на наградата Струшко Слово, а ќе бидат промовирани и наградените книги „Грлици“ од Васил Тоциновски и „Златна прашина“ од Зоран Пејковски на конкурсите „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“.
На завршниот ден од манифестацијата ќе бидат врачени наградите „Книжевна далга“ на лауреатот Олга Лалиќ-Кровицка од Полска, „Струшко слово“, на македонската поетеса Виолета Димова и романскиот автор Ѓорѓе Добре и „Книжевни бранови“ за најдобро прочитана песна на поет од Македонија и од странство.
OhridNews