Дваесет и осум автори од Северна Македонија и Хрватска ќе учествуваат на 10. меѓународна книжевна манифестација „Струшки книжевни средби“ што во петок и сабота ќе се одржуваат во Струга и Вевчани.

Манифестацијата ќе почне со поетска средба и добредојде на учесниците. Следниот ден, в сабота ќе се одржи поетска панорама. Ќе биде промовирана и поетска збирка со творби од македонски и хрватски поети „Од еден до друг брег“ во издание на Здружението за литература, култура и уметност „Бран“ од Струга, во соработка со Хрватското книжевно друштво „Книжевно перо“ од Риека.

Предвидена е промоција и на најновиот број од книжевната ревија „Бранувања“ посветена на основачот на „Струшките книжевни средби“ и прв уредник на списанието Петко Шипинкаровски. Во рамките на програмата ќе се одржи и традиционалниот „Поетски хепенинг“ на Вевчанските извори.

На јубилејното издание ќе бидат доделени и наградите за ,,Животно дело“ на пензионираниот новинар од Струга, Наум Бајо и „Посебни книжевни остварувања од странство“ на Никола Шимиќ Тонин, од Задар. Предвидена е и награда во чест на Шипинкаровски насловена ,,Петковиот аманет“.

OhridNews