Јубилејната 40-та Меѓународна музичко-научна манифестација „Струшка музичка есен“ ќе се одржува од утре до 6-ти септември во хотелот „Дрим“ во Струга.
Оваа манифестација нуди можност за средба, размена на идеи и дебати на актуелни теми кои ја преокупираат македонската музичка јавност. Годинава во рамки на „Струшката музичка есен“ ќе бидат презентирани 30-тина научни трудови кои се работени на тема „Меморија и перспективи“.
-Политиката на меморирање во едно општество директно ги одразува актуелните политички и идеолошки интереси во него. Меморијализацијата како процес се креира со јасна намера на едно видување на историјата, во овој случај на музичката историја на Македонија, да му се даде легитимитет, да му се отвори можност за себе-интерпретација, информираат организаторите.
Како и секоја година, „Струшка музичка есен“ и годинава ќе одбележи јубилеи на значајни македонски композитори, и тоа: Стефан Гајдов – 110 од раѓање, Панче Пешев – 100 години од раѓање, Кирил Македонски – 90 од раѓање, Властимир Николовски – 90 од раѓање и Томе Манчев – 65 од раѓање, најави доц. Сони Петровски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија.
OhridNews