Малите хидроцентрали кои ќе бидат изградени во јавно приватно партнерство со словенечката компанија „Турбоинститут“ ќе имаат моќност до 1,7 мегавати. Нив по 30 години кога завршува договорот за јавно приватно партнерство, ќе ги наследи Проаква, на чија сметка годишно ќе легнува 20 отсто од профитот остварен од производство на електрична енергија.
„Се очекува годишно без никаква инвестиција „Проаква“ да инкасира помеѓу 350 и 400 илјади евра“, изјави директорот на МЈП „Проаква“, Бранислав Трпчески. Покрај производството на електрична енергија најголема добивка ќе биде подобрувањето на водоснабдувањето на општините Охрид и Струга, додаде Трпчески. Целокупната изградба на петте мали хидроелектрани која се проценува на околу 4,5 милиони евра, ќе ја финансира словенечкиот партнер на „Проаква“.