Контролната средба помеѓу Охрид и Струга Трим Лум не го дочека крајот, откако гостинска екипа одлучи да се повлече и да не го доигра натпреварот. Пред прекинот Охрид имаше водство 1-0.

Натпреварот почна мирно и така се одвиваше играта во текот на 45 минути, кои завршија без голови 0-0. Страстите на теренот се разгорија во второто полувреме. Прво „рибарите“ не погодија од белата точка, а претходно, гостите бурно реагираа поради досудениот пенал кај судија Благојче Ралевски.

Во 60-та минута, двете екипи останаа со фудбалер помалку. Роберт Митев беше во дуел со Клисман Цаке. Во караницата помеѓу Митев и Цаке се вмеша Абдулхади Јахја. Епилогот беше црвени картони за Митев во Охрид и за Јахја во тимот на Струга Трим Лум.

Охрид оддолеваше на сите напади од Струга Трим Лум, која го диктираше темпото на игра но не создаде ниту една прилика за погодок.

Во 85-та минута Охрид доби нов пенал. Александар Ристески во казнетиот простор го собори Виктор Наумоски. Прецизен беше Љупче Трпески.

Само две минути подоцна. Стрелецот на голот Трпески влезе во вербален дуел со Марјан Алтипармаковски. Охридскиот фудбалер поцрвена, а стратегот на гостите Срѓан Захариевски одлучи да ја повлече екипата.

После прекинот настана мешаница во тунелот, која ја фрли во сенка целата фудбалска претстава на СРЦ „Билјанини Извори“.

За Струга Трим Лум ова беше последна тест средба во пресрет на продолжението на Првата лига, додека охридските фудбалери во следниов период ќе одиграат нови контроли мечеви.

Мх.П.