Фудбалерите на Струга Трим Лум прокнижија нови три бодови на прволигашката табела победувајќи ја Ренова со 1-0 (0-0) во првата рунда во вториот круг од македонската фудбалска елита.

Стружани со триумфот и се реваншираа на Ренова за поразот во Тетово и ја забележаа втората победа во серија. Во претходната рунда „црвено белите“ славеа во Скопје против Работнички.

Првиот дел од натпреварот не изобилуваше со шанси и убава игра. Се водеше голема борба на средината од теренот. Голманите речиси и да немаа работа. Двете екипи се закануваа после прекини, но ништо конкретно и мрежите мируваа во првите 45 минути.

На почетокот од второто полувреме, Струга ТЛ ја презеде иницијативата и веднаш вроди со плод. Во 54-та минута Христијан Драгарски погоди за 1-0. Дефанзивецот ја испрати до крај акцијата и после одбиената топка ја смести во мрежата на тетовчани.

 

Гостите десеттина минути после примениот погодок имаа шанса за изедначување, но ударот на Саимир Фетаи заврши во стативата и во гол аут. Ренова продолжи да напаѓа и да реди шанси пред голот на Струга ТЛ. Во неколку наврати добро интервенираше домашниот голман Урош Ѓуриќ. Најголемата прилика за егал ја имаше Меритон Сајили, кој биеше со ножички но гредата беше сојузник на домаќините.

Во последните пет минути, Струга ТЛ можеше да стави точка на триумфот. Охриѓанецот Јахја Абдулхади излезе „очи в очи“ со гостинскиот голман, но не успеа да го совлада. Струга ТЛ мечот го заврши со десет фудбалери, откако херојот Драгарски доби црвен картон за намерен удар на противнички играч. Од клупата на Ренова исклучен беше еден од претставниците на екипата.

Со трите бодови стружани се искачија на 6-та позиција, додека Ренова е на седмата позиција и се наоѓа пред опасната зона.

Мх.П.