Тренерот на стружани Срѓан Захариевски беше крајно револтирани после минималниот пораз (0-1) од Пелистер, на Градскиот стадион „ФК Караорман“. Захариевски демонстративно на минута пред крај сам го напушти натпреварот, а главниот судија Игор Иванов од Велес му додели црвен картон за влегување на терен.

Се доведов во ситуација на минута до крај да заминам од стадионот, затоа што не можев да гледам што се случува. Пелистер не дојде да игра фудбал во Струга, туку да се брани, да лежи на теренот и да троши време. Одигравме динамичен натпревар со многу нервоза. Бевме подобар противник, игравме и напаѓавме, но не успеавме да постигнеме погодок. Немавме право да изгубиме, но се случи грешка. За прв пат ќе кажам дека македонскиот фудбал не оди во посакуван правец. ФФМ треба да размисли, со што се соочува и какви судии делегира за натпревар каков што беше Струга ТЛ – Пелистер.  Ако се игра фудбалот за поединци нека кажат, ние да се тргнеме и се да може да функционира без проблем. На крајот сакам да им ја честитам победата на битолчани, – изјави Захариевски.

Триумфот во Струга за битолските „зелено бели“ е втора победа во третиот натпревар од пролетната полусезона.

Во најавата за средбата кажав дека натпреварот ќе биде тврд и неизвесен. Нашите амбициите се опстанок во Првата лига, додека стружани сосема заслужено имаат поголеми амбиции. Во финишот од мечот подобро се снајдовме, не потклекнавме пред нивниот притисок, а на крајот постигнавме и погодок за победа. На секој натпревар одиме да оствариме позитивен резултат, бидејќи само така ќе се избориме за нашата цел, – рече предводникот на битолчани Димитар Капинковски.

„Пелистерци“ избегаа од опасната зона на прволигашката табела и според резултатите се движат во посакувана насока.

Ваква победа ни беше повеќе од потребна. Презадоволни сме од исходот и од начинот на кој игравме. Ќе кажам дека ќе бевме задоволни и со бод, но дадовме гол во финишот и успеавме да освоиме три. Можеме да речиме дека се движеме во добра насока, но допрва претстојат натпревари, кои живот ќе значат во Првата лига, – истакна стоперот Дарко Илиески.

Пелистер во последниот натпревар од вториот круг во Првата лига ќе се сретне со Борец, додека стружани гостуваат кај Вардар во Скопје.

OhridNews

 

Прва МФЛ: Пелистер го сруши митот за непобедливост на Струга (видео)