Во услови кога вратите на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, како единствен стадион од А категорија во земјата, се затворени до средината на септември, македонскиот фудбалски првак Струга Трим Лум е принуден да бара алтернативни решенија и доколку обезбеди пласман во плејофот во Конференцијата лига на УЕФА натпреварот на „домашен терен“ ќе го игра во соседна Албанија.
Информацијата денеска за МИА ја потврди спортскиот директор на Струга Трим Лум, Бесар Исаку, прецизирајќи дека македонскиот клуб би бил домаќин во Елбасан.
Доколку се пласираме во плејофот во Конференциската лига натпреварот на кој треба да бидеме домаќини ќе го играме во Елбасан. Тоа е веќе потврдено, изјави Исаку.
Единствениот преостанат македонски претставник во европските купови во четвртокот забележа победа во Скопје над Свифт Хеспер со 3-1 и со предност од два гола ќе патува во Луксембург на реваншот од третото квалификациско коло во Лигата на конференции, идниот четврток.
Струга Трим Лум го пречека луксембуршкиот ривал на комплексот на ФФМ во Скопје, откако не доби дозвола натпреварот да го одигра на Националната арена, која е затворена со цел да се санира теренот за гостувањето на Италија на 9 септември во рамки на квалификациите за ЕУРО2024.
Струга Трим Лум претходно своите два домашни натпревари сезонава во европските купови, против Жалгирис и Будуќност, ги одигра на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, кој како и теренот на ФФМ комплексот, не ги исполнува критериумите на УЕФА за одигрување плејоф натпревари.
OhridNews
Фото. ФК Струга/Фејсбук