Семејствата, роднините, колегите, граѓаните на Струга, денеска се простија од Јосиф Докоски, Киро Ѓоргоноски и Јоско Кувенџиески, кои вчера трагично ги загубија животите на монтажната тераса кај пливалиштето во центарот на градот. Претпладнево во Медицинскиот центар во Струга се одржа комеморација за Јосиф Докоски и Киро Ѓоргоноски кои со децении беа дел од подемот на оваа здравствена организација и пред се на хируршкото одделение.


– Изгубивме прекрасни луѓи  двајца стручњаци докажани во својата објаст со над триесет години стаж. Нашето хируршко оддeление важеше за едно од најквалитетните во регионот, а голема заслуга за тоа имаа и трагично починатите. Со нивната смрт ние загубивме многу, истакна Ментор Ибрахими, директор на струшката болница.


Сочувство кон семејствата на починатите и жалење за големата загуба искажа и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

–    Овој немил настан внесе тага кај сите граѓани на Струга. Изгубивме големи личности и истакнати граѓани кои многу придонесоа за развојот на Струга и оттаму 13-ти септември го прогласивме за Ден на жалост во општина Струга, рече градоначалникот Мерко.


Телата на тројцата пријатели кои вчера го загубија животот во бизарна несреќа беа погребани во исто време на градските гробишта во Струга. Во градот денеска владее траорна атмосфера, а вчерашната трагедија е главна тема на разговор помеѓу граѓаните. Тие очекуваат истрагата да ги открие причините и околностите под кои настапила смртта кај тројцата несреќни стружани со цел никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија.

OhridNews