Туристички водич за Струга, мапа на градот, постери, папки и рекламни кеси со струшки мотиви се дел промотивните материјали кои ќе ги подготви општина Струга во текот на наредниот период.
За таа цел Струшката локална самоуправа, преку Електронскиот систем за јавни набавки,минатата седмица објави Јaвен оглас за Набавка на туристички материјали чија проценета вредност е околу 4.800 евра или точно 296.610,17 денари. Крајниот рок за доставување на понудите за овој Jавен оглас истекува денеска, а критериумите за доделување на договорот за набавка е најниската понудена цена.
Инаку според „Програмата за општа туристичка пропаганда и подобрување на условите за престој на туристите во 2015 година“општина Струга во текот на оваа година планира да изготви Стратегија за развој на туризмот во Струга.
Во програмата предвидена е промоција на Струга на 15 различни портали на албански и македонски јазик за што ќе се потрошат1,5 милиони денари, а за реклами на национални и локални медиуми планирани се 360 илјади денари. Околу 12 илјади евра или точно 783.000 денари ќе бидат издвоени за основање на Туристичко биро во Струга, а за учество на домашни и меѓународни саеми за туризам ќе бидат потрошени околу 8.900 евра или вкупно 547.000 денари.
Во 2015 година, за организирање на саеми и конференции во Струга се предвидени вкупно 597 илјади денари, а за поставување на промотивни билборди во земјава и странство ќе бидат потрошени околу 4.000 евра или 250 илјади денари.Исто така во Програмата за туризам за 2015 година планирано е поставување на привремени туристичко-информативни центри на три локации во Струга како и поставување на туристичка сигнализација на територијата на целата општина.
OhridNews