Дивата депонија во Струшко поле и ова лето им задава главоболки на стружани. Иако се уште не започнале високите температури во средината на месецов дојде до палење на депонијата од која се шири непријатна миризба која се чувствува во градот, се жалат стружани.

По интервенција на општинскиот инспектор на животна средина опожарената депонија е санирана, но со точност не се знае дали се работи за намерно палење на отпадот или самозапалување.

Струшката локална самоуправа пред повеќе од една година испратила допис до Министерството за животна средина за легализација и модернизација на дивата депонија и изградба на инсталации за преработка на отпад каде би се произведувале био-енергенси, на што било негативно одговорено со напомена дека општината треба да се држи до планот за изградба на регионална депонија која треба да го реши проблемот со отпадот во Југозападниот плански регион. 

– Ние после донесовме план за управување со отпад по што советот на општина Струга донесе заклучок со кој што го овласти градоначалникот да изнајде начин да се санира депонијата. За таа цел градоначалникот потпиша меморандум со странски инвеститор за инсталирање на таква инсталација, но поради причините наведени од министерството не можевме да ја реализираме таа опција.– изјави Митко Коркутоски – општински инспектор за животна средина.

Екологистите посочуваат дека проблемот со отпадот во Струга датира уште од 80-те години од минатиот век и дека за сегашната состојба одговорност сносат сите поранешни власти.

-За 30 години камче по камче да се правеше таа депонија ќе се направеше. Незаинтересираност постои кај луѓето, локално и повисокот во државата оти цела Македонија нема депонии, освен скопската, сите останати се диви. – вели Мате Гогоски од ЕД „Енхалон“.

Во средината на деведесеттите години од минатиот век постоеше проект за изградба на регионална депонија во охридско-струшкиот регион со меѓународна донација, но иницијативата пропадна поради незаинтересираност на тогашните власти, велат екологистите. Тие не се оптимисти дека општините брзо ќе ја договорат изградбата на регионалната депонија, а до тогаш ќе продолжи загадувањето на животната средина, што покрај на здравјето на луѓето негативно ќе се одрази и на економскиот развој и туризмот во Струга и Охрид.

Г.М.