Општина Струга во текот на наредниот период ќе изврши обновување на хоризонтална сигнализација и ќе ги обележи такси станиците и автобуските стојалишта.
За таа цел Струшката локална самоуправа, преку Електронскиот систем за јавни набавки, деновиве објави Јавен оглас за Набавка на вакви услуги чии износ е околу 40.000 евра или точно 2.542.372,88 денари. Крајниот рок за доставување на понудите за овој Јавен оглас истекува на 26-ти мај 2015 година, а критериумите за доделување на договорот за набавка е најниската понудена цена.
Инаку според „Програмата за изградба на сообраќајна сигнализација за 2015 година“ општина Струга во текот на оваа година планира да изготви Сообраќајна студија за градот. Според предвиденото, за оваа намена од Буџетот за 2015 година ќе бидат издвоени околу 49.000 евра или 3 милиони денари.
Покрај изготвувањето на студијата, општина Струга планира уште неколку активности и мерки за одржување и унапредување на сообраќајните услови во градот, за чие спроведување ќе потроши околу 168.000 евра или точно 10.300.000 денари.
OhridNews