Струшката локална самоуправа ќе основа Јавно претпријатие кое ќе биде задолжено за одржување на парковите и зеленилото во градот. Одлуката за основање на новото претпријатие е дел од дневниот ред на 25-та седница на Советот на општина Струга која ќе се одржи утре. Според најавите, во новото претпријатие ќе работат досегашните вработени во Секторот за паркови и зeленило во ЈП „Комунално“, Струга.
-Називот на Јавното пртпријатие гласи: Јавно претпријатие за паркови и зеленило „Еко Струга“, а скратениот назив на претпријатието гласи: ЈП „Паркови и зеленило“ Струга. Ова јавно претпријатие ќе врши одржување на паркови и зеленило како приоритетна дејност и собирање на безопасен отпад. Исто така ќе може да врши и други дејности согласно националната класификација на дејности, сродни на приоритетната дејност, кои ќе бидат наведени во Статутот на препријатието, пишува во одлуката за основање.
Управувањето на новото претпријатие и спроведувањето на одлуките на органите на управување и работењето ќе се врши со согласност со законската регулатива.
-Управниот одбор на ЈП ќе се состои од 5 члена што ги именува и разрешува Советот на општина Струга, имајќи ја предвид соодветната и правичната застапеност на припадниците на сите заедници. Надзоренниот одбор за контрола на материјалното и финансиското работење ќе се состои од 5 члена кои исто така ги именува и разрешува советот. За вршител на должноста директор на ЈП кој ќе ги води работите на претпријатието до неговото конституирање, ќе го именува Градоначалникот на општината, согласно закон, се појаснува во одлуката за основање.
Според пропишаното, Вршителот на должноста директор ќе треба донесе привремен акт за организација и систематизација, со кој ќе се утврди неопходниот број извршители, со важност до донесување на актот за организација и систематизација од страна на Управниот одбор на јавното претпријатие.
OhridNews